Радио брендот „Диско селектор“ на легендарниот музички новинар, радио и ТВ-водител и диџеј Драган Б. Костиќ ќе продолжи да живее преку социјалните мрежи и веб-страницата, велат неговото семејство и соработниците. Во чест на Костиќ, кој почина на 20 декември 2025 по кусо боледување, ќе се реемитуваат делови од емисии на „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“, со кои израснаа многу генерации.
„‘Диско селектор‘ останува активен и ќе продолжи да се развива преку своите официјални канали на Фејсбук и Инстаграм и преку веб-страница www.diskoselektor.mk. Ќе биде продолжена досегашната соработка со сите партнери, соработници и субјекти, кои беа и остануваат дел од приказната на ‘Диско селектор’. Стабилноста, меѓусебната доверба и професионалниот континуитет се темелите врз кои ќе се гради следната фаза од развојот на брендот. Во периодот што следува ќе продолжи објавувањето на веќе реализираните серијали и изданија и нивното понатамошно продолжување и надградување. Посебен фокус ќе биде ставен на третото издание од серијалот ‘Заборави ако можеш’, посветено на британските топ-40 хитови од 1995, кое се наоѓа во финална фаза пред објавување“, објавено е на фејсбук страницата „Диско селектор“.
Елена и Бранко, ќерката и синот на Костиќ, велат дека е голема одговорност да се продолжи приказната за брендот на нивниот татко.

„Преземањето на одговорноста да продолжи приказната на ‘Диско селектор’ е чест, но и огромна обврска. Свесни сме за значењето што овој проект го има за публиката, соработниците и за целата музичка сцена, а најмногу за визијата што ја остави зад себе Драган Б. Костиќ. Идејата не произлегува од амбиција да се создаде нешто ново, туку од потребата да се зачува нешто што веќе има докажана вредност, тежина и значење. ‘Диско селектор’ не е само радио бренд, тоа е најстарата радиоемисија од овој тип во Европа, културолошки феномен и препознатлив бренд во Македонија, кој со децении изгради доверба, публика и јасен идентитет. По неговото заминување, природно се наметна одговорноста приказната да не запре таму каде што тој застана. Важно е да се нагласи дека ова не претставува нов почеток, туку континуитет на веќе постоечка работа. Официјалната презентација на ‘Диско селектор’ на Фејсбук функционира повеќе од десет години, а истото важи и за веб-страницата, тие се дел од долгорочната комуникација со публиката и логично продолжуваат да бидат носители на активностите и содржините. Иако емисијата нема да продолжи во основниот радио-водителски формат, ќе продолжи да живее преку своите проекти, публикации, серијали и секојдневни информации од светот на музиката. Ова не е само продолжување на еден бренд, ова е продолжување на една идеја, еден дух, една енергија што оставија длабока трага“, вели семејството на Костиќ.
М. ЏАРОВСКА