Фановите на триото „К-15“ се дружеа со ликовите од популарната хумористична серија по премиерата на документарниот филм „К-15: Од другата страна“, која се одржа вчера (5 декември) во Македонскиот народен театар (МНТ).
Филмот е емотивна приказна со препознатливиот хумор на Миле Паника, Тошо Малерот и Цацко Конопишки за феноменот на „К-15“, и скечевите кои почнале да се снимаат со скромна опрема, на една обична маса, како што рече Влатко Огњановски, братот на Бранко Огњановски, кој беше еден од продуцентите на шоуто.
Зборуваат: Игор Џамбазов, Никола Ристановси, Коле Ангеловски, Жарко Димитриоски, Мирослав Масин, Горан Стефановски, Влатко Стефановски, актерите од екипата и многу други. Режисер и сценарист е Ико Каров, а продуценти се агенцијата „БДГ“ и „Гуд медиа“.
„Кога беа популарни ‘Битлс’ постоеше еден феномен наречен ‘Битлсманија’ за кој бендот не беше свесен, зашто не можеа да видат како фановите ги чекаат пред хотелите и салите каде што настапуваат. Истото беше и со ‘К-15’. Тие не ја видоа таа ‘К-15 маниjа“, вели во постарата снимка во документарецот Горан Стефановски.

По премиерата, публиката имаше многу прашања за Бубо и Ико Каров и Бранко Огњановски кои на сцената се појавија со Жарко Димитриоски (фото). Васко Тодоров не дојде поради болест. На прашањето дали поради скечевите со политичарите се исплашиле од државата и затоа престанале да снимаат, Бубо Каров рече:
„Со државата никој не може да излезе на крај. Треба државата да се плаши од народот, а не да биде обратно“, рече Каров.

Во свој стил, познатиот комичар се пошегува дека Огњановски го терал да стане инфлуенсер на 66 години, а тој ужива во мирниот, пензионерски живот и чува внуци. Споредувајќи го денешното дигитално време со она од 1990-тите, Бранко Огњановски рече: „Денес не треба да излезеш од дома за да покажеш дека си глупав. Со публиката треба да си секогаш чесен и интелегентен за да бидеш интересен“, рече Огњановски.

Во документарецот се појавуваат и неговата сопруга и деца како и децата на Бубо Каров. Филмот почнал да се снима пред пожарот во Кочани на 16 март, па во еден дел се појавува и пејачот Андреј Ѓориески, кој беше дел од продукцијата „К-15“, како и другите актери кои му го дадоа шармот на шоуто, сниматели, монтажери и други соработници. Каров рече дека Агенцијата за филм им одобрила пари за снимање филм за „К-15“, но тие ги вратиле , затоа што постојано го менувале сценариото. За да си купат подобра опрема на почетокот од 1990-тите, земале кредит. Со три продадени шоуа во салата „Борис Трајковски“ во мај, „К-15“ прославија 30 години.
Останатите проекции се закажани за вечерва (6 декември) 7, 13 и 14 декември во МНТ.
М. ЏАРОВСКА