Адел ќе дебитира како актерка во новиот филм на модниот дизајнер и режисер Том Форд. Британската пејачка ќе глуми со Николас Хоулт, Арон Тејлор-Џонсон, Колин Фирт, Пол Бетани и младата ѕвезда на „Адолесценција“, Овен Купер, во филмот „Cry to Heaven“.
Тоа ќе биде адаптација на романот на Ен Рајс од 1982, а приказната е сместена во 18. век во светот на кастрати, машките пејачи кои биле кастрирани за да го зачуваат нивниот висок глас.
Форд ќе биде режисер, сценарист и продуцент на филмот, а засега не е познато каква улога ќе има Адел.
Книгата следи двајца кастрати кои стануваат успешни оперски пејачи во Венеција и чии животи се испреплетени. Во актерската екипа ќе бидат и Киран Хајнс, Марк Стронг и Хантер Шафер.
Адел, една од најпопуларните британски музички ѕвезди, го издаде својот последен албум пред четири години и ја немаше често во јавноста откако заврши со настапите во Лас Вегас пред една година. Таа потоа рече дека планира да направи голема пауза од музиката и дека сака да прави други креативни работи.
(Фото: Гети)