Во најава е првиот долгометражен филм со популарните детски анимирани ликови Биби и Боби, во режија на Гоце Цветановски. Насловен „Златната пеперутка“, филмот е селектиран за учество на реномираниот Анимациски форум за Централна и Источна Европа (CEE Animation Forum 2025), што ќе се одржи во чешкиот град Плзењ од 4 до 6 ноември.
Форумот е водечка европска платформа за презентација, финансирање и копродукција на анимирани проекти. За годинашното 13. издание имало 199 пријави, а „Златната пеперутка“ се најде меѓу шесте избрани долгометражни анимирани филмови кои ќе се натпреваруваат за над 50.000 евра во парични и непарични награди, како и за учество на специјализирани тренинг-програми, пазарни презентации и еден-на-еден средби со водечки европски продуценти, дистрибутери и телевизии.
„Златната пеперутка“ се најавува како „еколошка авантура за целото семејство, сместена во волшебна џунгла, каде што нашите јунаци се соочуваат со предизвици, опасности и важни животни избори“.
„Голема чест е што сме дел од оваа силна селекција. ‘Златнaтa пеперутка‘ е повеќе од филм – тоа е приказна за одговорноста кон природата, но и за надежта дека преку уметноста можеме да поврземе различни култури. Веќе работиме со неколку меѓународни партнери, чии имиња наскоро ќе ги објавиме“, кажа Цветановски, режисерот и сценарист на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“.
„Светот на Биби“ е најпопуларниот детски бренд во Македонија, со повеќе од 120 милиони прегледи на „Јутуб“ и ТВ-прикажувања во шест држави во регионот.