Денеска и утре (2 и 3 јуни) од 19 часот, во киносалата на Етнографскиот музеј во Белград ќе се одржи ревија на филмови од македонскиот режисер Љубиша Георгиевски. Филмовите се прикажуваат во рамките на манифестацијата Денови на македонската култура во Белград во организација на здружението „Македониум“, со поддршка на Кинотека на Македонија и Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија.
Вечерва (2 јуни) ќе се прикажат кратките филмови „Кој век минува надвор, деца“ од 1975 и „Патека“ од 1967 и дигитализираната верзија на играниот филм „Републиката во пламен“. Утре се кратките филмови „Хераклеа“ од 1974 и „Не“ од 1966 и дигитализираната верзија на долгометражниот филм „Цената на градот“ од 1970.
Пред утрешните проекции, филмската режисерка Лидија Вељанова ќе зборува за значењето на делото на Љубиша Георгиевски во контекстот на македонската кинематографија и културна меморија. Влезот за сите проекции е слободен.
Георгиевски, кој почина во 2018, беше театарски и филмски уметник и професор со над 160 претстави и дваесетина филмови и ТВ-драми.
(Фото: МНТ)