КИМ НОВАК НЕ САКА СИДНИ СВИНИ ДА ЈА ИГРА ВО НОВ БИОГРАФСКИ ФИЛМ ЗАШТО „ПРЕМНОГУ ШТРЧИ ВО ГРАДИТЕ“

Лос Анџелес, (Вараети)

Холивудската икона Ким Новак кажа дека не се согласува со изборот на Сидни Свини да ја игра во нов биографски филм, сметајќи дека тоа е голема грешка. Деведесет и тригодишната Новак изјави дека никогаш не го одобрила филмот „Scandalous“, кој зборува за нејзината врска со славниот музичар Семи Дејвис Џуниор.

Развојот на филмот наводно е во застој, но колегата на Свини од „Еуфорија“, Колман Доминго, треба да биде режисер. Свини ќе ја игра Новак, а британскиот актер Дејвид Џонсон ќе биде Дејвис.

„Свини премногу штрчи во градите. Таа цело време изгледа секси и тотално е погрешно да ме игра мене“, рече Новак.

Свини досега не го коментираше ова, но во октомври кажа дека е почестена што ќе ја глуми Новак и возбудена што ќе ја запознае.

„Не мислам дека нашата врска беше скандалозна. Имавме толку многу заедничко, вклучително и потребата да бидеме прифатени такви какви што сме и што правиме, а не како изгледаме“, кажа Новак.

Таа и Дејвис се запознале во 1956, а нивната романса тивко се развила следната година. Новак никогаш не негираше дека била во врска со Дејвис.

(Фото: Гети)