КУКЛАТА ЛАБУБУ ЌЕ ДОБИЕ СВОЈ ИГРАН ФИЛМ

Пекинг, (Би-Би-Си)

Кинеската компанија за играчки „Поп Март“ и „Сони“ објавија дека популарните кукли лабубу наскоро ќе добијат свој игран филм. Филмот „Лабубу“, кој ќе комбинира глума и компјутерски генерирана анимација, е во рана фаза на развој, соопштија двете компании.

Филмот ќе го режира Пол Кинг, кој, меѓу другото, ги сними „Вонка“ и „Падингтон“. Не е познат датумот на излегување.

Куклите лабубу станаа глобална сензација во последните години, а продажбата го претвори „Поп Март“ во гигант за производство на играчки, вреден речиси 40 милијарди долари, надминувајќи ги веќе етаблираните конкуренти, како „Мател“. Лабубу доби тематски парк во Пекинг, а сега ќе стане и филмски лик.

Создаден пред повеќе од една деценија од уметникот Касинг Лунг од Хонгконг, лабубу е шумски елф инспириран од нордиската митологија и дел од серијата книги на Лунг, „Чудовишта“. Куклата стана светски позната откако ја промовираа поп-ѕвезди како Ријана и Лиса од „Блекпинк“.

(Фото: Гети)