МЕ ВИКАА „ШЕСТАТА ПРИЈАТЕЛКА“ ВО „ПРИЈАТЕЛИ“, ВЕЛИ ЛИСА КУДРОУ

САД, (Пипл)

Лиса Кудроу откри дека „никому не му било гајле за неа“ кога ја играше Фиби во серијата „Пријатели“.

„Имаше одредени луѓе од мојата агенција за таленти кои ме нарекуваа ‘шестата пријателка‘. Немаше визија за мене и немаше очекувања за тоа каква кариера би можела да имам. Велеа дека имам среќа што добив улога во таа серија“, се присети 62-годишната Кудроу во интервју за британскиот весник „Индипендент“.

Сепак, слободата ѝ овозможи да одигра различни улоги. Таа го означи филмот „Clockwatchers“ од 1997 како момент во нејзината кариера кога, како што вели, агентите и продуцентите почнале да ја бараат.

„Пријатели“ се емитуваше од 1994 до 2004 година и следеше шест пријатели кои живеат во Њујорк. Во серијата глумеа и Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Дејвид Швимер, Мет Лебланк и покојниот Метју Пери. Кудроу доби Еми за најдобра споредна женска улога во комедија за улогата на Фиби во 1998 година.

Во интервју за списанието „Интервју“ во март, Кудроу рече дека „нејзиниот лик не беше глупав“.