Независна британска комедија снимена од екипа која прави ТВ-скечеви? Звучи како нешто на што му е судено да биде брзо заборавено. Но, „Монти Пајтон и светиот грал“ и денес се цени како една од најдобрите комедии на сите времиња, 50 години откако имаше премиера на 9 април 1975.
Тери Гилијам, кој го режираше филмот заедно со сега покојниот Тери Џонс, мисли дека знае зошто.
„Секој пат кога го гледам филмот воодушевен сум колку е неверојатно прекрасен. Сѐ уште е многу смешен и сакам сѐ во врска со него“, кажа Гилијам.
Членовите на „Монти Пајтон“ првпат се појавија заедно на телевизија во 1969, но секогаш имале амбиција да направат долгометражен филм. Мајкл Пејлин вели дека тој и Џонс правеле историски скечеви уште пред појавата на „Пајтон“ и појасни како дошле на идеја да снимат филм за кралот Артур и витезите од Тркалезната маса.
„Моравме да направиме нешто во што ќе учествуваме сите шестмина и Тркалезната маса беше совршен избор зашто секој од нас можеше да игра по еден витез. А, и легендата за светиот грал беше нешто за што сите слушнале, но не знаеле ништо за тоа. Можевме да креираме каква било приказна заснована врз потрагата по гралот“, кажа Пејлин.

Филмот и онака никогаш не бил замислен како класична Артуровска авантура, па има лажни шведски титлови, анимации, витези кои велат „ни“, апсурдни дебати и историски нелогичности, во што Би-Би-Си не сакал да вложи пари. Пајтоновците на крајот сами собрале пари од разни извори, вклучувајќи ги „Лед Цепелин“ и „Пинк Флојд“. Пејлин кажа дека од „Лед Цепелин“ добиле 50.000 фунти, а целиот буџет изнесувал околу 300.000 фунти, па затоа морале да бидат иновативни. На пример, откако им било забрането да снимаат во неколку шкотски замоци, замокот Дун го снимиле од различни агли за да изгледа како некој друг замок секој пат.
И покрај ограничениот буџет, Гилијам вели дека естетиката им била многу важна и се труделе да бидат реални, поради што филмот и е толку смешен.
Успехот на „Светиот грал“ ги инспирираше Пајтоновците да снимат уште два филма, „Житието на Брајан“ и „Смислата на животот“, а во 2003 го направија и бродвејскиот мјузикл „Спамалот“. Многу од фразите од филмот влегоа во англискиот речник, а некои ликови станаа архетипови, па пропаднатите политичари често се споредуваат со Црниот витез.
„Мислам дека ние шестмина имавме магична хемиска рамнотежа. Сите сме толку различни, а сите бевме согласни за тоа што го правиме. Без кој било од нас, немаше да биде исто“, призна Гилијам.
(Фото: Алами)