ЗА УЛОГАТА СЕ ИНСПИРИРАВ ОД „ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ“, КАЖА ЛЕОНАРДО ДИКАПРИО ЗА СВОЈОТ НОВ ФИЛМ „ЕДНА БИТКА ПО ДРУГА“

Лос Анџелес, (Вараети)

Леонардо ДиКаприо кажа дека чекал 28 години да работи со режисерот Пол Томас Андерсон, уште откако ја одбил главната улога во неговиот, сега култен филм „Ноќи исполнети со буги“. Двајцата конечно се споија во филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another), кој имаше премиера во Кинескиот театар во Холивуд, но ДиКаприо призна дека сега би прифатил секаква понуда за снимање од Андерсон.

„Би глумел во секој филм за кој би ме повикал, но среќен што имав можност да глумам во филм што Андерсон го развиваше последните 20 години“, кажа ДиКаприо.

Во овој трилер ДиКаприо го игра запуштениот поранешен револуционер Боб Фергусон, кој мора да се соедини со своите поранешни соработници за да ја спаси својата ќерка. Покрај него глумат и Тејана Тејлор, Бенисио дел Торо, Реџина Хол и Шон Пен.

Тој го опишува својот лик како тип кој седи дома и цело време пуши марихуана, додавајќи дека многу се инспирирал од ликот на Џеф Бриџис од „Големиот Лебовски“.

„Опуштената природа на Боб внесе одредена леснотија во улогата, особено кога стануваше збор за изведување каскадерски потези. Во овој филм правевме многу луди работи“, кажа ДиКаприо.

Филмот доаѓа во кината на 26 септември.