Битолскиот диригент Владимир Димовски вечерва (20 февруари) ќе гостува во Ниш, каде што ќе диригира со тамошниот камерен оркестар на концерт посветен на творештвото на Антонио Вивалди. На програмата е „Четирите годишни времиња“, едно од најзначајните и најизведувани дела од барокниот репертоар. Концертот ќе се одржи во Офицерскиот дом со почеток во 19 часот.
Роден во 1984 во Битола, Димовски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 2004 до 2025 беше виолист во Националната опера и балет. Тој е основач на Камерниот оркестар на Битола, кој во 2023 го доби статусот на национална установа.
Како автор и диригент, Димовски е организатор на бројни препознатливи проекти, меѓу кои „Виена во Битола“, „Рок симфонија“ „Ѕвездена симфонија“, „Цветна симфонија“ (фото) и многу други. Димовски е активен и како автор на аранжмани и оркестрации, со над 400 реализирани дела за камерни и симфониски состави.