Зорица Поп-Панкова доби голем аплауз за премиерата на новата песна „Поминува сѐ“ вчера (10 декември) во малата сала на Филхармонијата, на промоцијата на мултимедијалната книга „Три лица на љубовта“ од авторот Митко Чешларов, издание на „Сигмапрес“.
Претходно, Поп-Панкова ни рече дека е среќна што по 25 години некој се сетил на неа, а Чешларов ѝ напишал вистинска песна, затоа што ѝ ја знаел приказната во изминатите 30 години. Легендарната пејачка се расплака на сцената додека публиката аплаудираше.

Настанот беше и промоција на нова песна за Биба Додева (фото), која по неколку години живот во Загреб со сопругот, во моментов е во Македонија.
„Немав снимено нова песна од албумот со преработки на македонски поп хитови ‘Незаборавни’, што го промовирав во 2020. По промоцијата не успеав да направам концерт, бидејќи тогаш се заразив со ковид и едвај останав жива“, ни рече Биба Додева за песната „Тука си“, која публиката топло ја пречека.
Чешларов е автор на музиката и на текстот, а аранжер е Кристијан Габроски.

Промоцијата ја отвори Жаклина Стевковска со мал дел поезија од книгата. Актерката исто така сними песна како дел од книгата. Новите љубовни песни од Чешларов ги испеаја и Мариана Бошковска, Ана Петановска, Горан Наумовски и Агни Авшар, а публиката сите ги пречека со голем аплауз.

Аранжери се Ангел Ќосев, Кристијан Габроски, Стефан Петановски, Давор Јордановски и Владимир Дојчиновски. Настанот го водеше Драги Павлевски.

„Книгата е она што ми требаше во последниве години и се надевам дека наскоро ќе се видиме на промоција на мојата драма“, рече Чешларов на крајот.
М. ЏАРОВСКА