ЛЕГЕНДАРНИОТ МЕТАЛ БЕНД „МЕГАДЕТ“ НАЈАВИ ПОСЛЕДЕН АЛБУМ И ПРОШТАЛНА ТУРНЕЈА

САД, (Гардијан)

Легендарниот американски метал бенд „Мегадет’ објави дека неговиот следен албум ќе биде и последен. Бендот основан од Дејв Мастејн по неговото, сега веќе епско исфрлање од „Металика“ кажа дека албумот ќе биде проследен со проштална турнеја.

„Има толку многу музичари кои дојдоа до крајот на својата кариера, без разлика дали случајно или намерно. Повеќето од нив не можат да си одат по свои услови додека се на врвот и тоа е местото каде што сум во мојот живот во моментов. Патував низ светот и заработив милиони и милиони обожаватели, па најтешкиот дел од сето ова е да се збогувам со нив“, кажа Мастејн, кој се бореше со рак на грлото пред неколку години.

Тој засега нема објавено детали за последниот албум и турнејата.

„Сега е совршено време бендот да го издаде последниот албум и да замине на својата последна турнеја. Немојте да се лутите, немојте да бидете тажни, радувајте се за сите нас, дојдете да славите со мене во следните неколку години“, рече Мастејн.

„Мегадет“ го објави првиот албум во 1985 и денес се смета за дел од големата четворка на треш металот, заедно со „Металика“, „Слеер“ и „Антракс“. Неговиот класик „Rust in Peace“ од 1990 важи за еден од најдобрите метал албуми на сите времиња.

(Фото: Фејсбук)