Првото дводневно издание на Таксират ќе се одржи викендов (6 и 7 декември) во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а продолжениот формат се должи на тоа што организаторот „Пасворд“ одлучи да издвои посебен ден за електронската музика.
Традиционалното шаренило на музички стилови ќе може да се слушне на денешната прва вечер, кога ќе има метал, хип-хоп и балкански мелос.
Програмата на главната бина почнува во 20 часот со настапот на популарниот италијански метал бенд „Лакуна коил“ (фото), предводен од Кристина Скабија, еден од најпознатите женски вокали во металот. По нив се ЛД Пистолеро, турскиот рапер Езхел, балканската атракција „Дубиоза колектив“ и хип-хоп легендите „Оникс“.

Другиот стејџ од оваа година се вика „Шорти Пи“, според раперското име на Владимир Блажев-Панчо, пејачот на „ДНК“, кој почина од последиците на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Соодветно на тоа, на оваа бина ќе има само хип-хоп во изведба на Нести, Огипсилон, Секси Марса, Донплеја, Принцес Донатсу, Бон Праскиза и Ири Скреч.
Новина на Таксират е вториот, техно ден. Најавено е дека журката ќе трае од 13 часот до еден часот по полноќ. Главна ѕвезда е легендарниот Германец Свен Фет, а музика ќе пуштаат и домашните диџеи Монго/Омару, Вишко, Маци, Кристијан ХСС, Петк.ов, Аврамоски, Додевски, Лесја/Дија и Песинџер, со што, како што велат организаторите, ќе се поврзат дневната и ноќната фестивалска атмосфера.
Г. КОНЕВ
(Фото: Фејсбук)