СО ГОДИНИ СЕ БОРАМ ПРОТИВ ТУРБОФОЛКОТ ВО КУМАНОВО, ВЕЛИ НИНО ВЕЛИЧКОВСКИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

За песната „Ќе ти дарам еден цвет“, Нино Величковски доби наградата за најтрубадурска песна на фестивалот „Охрид фест“, кој започна вчера (30 август) на сцената на Долни Сарај во Охрид.

Величковски вели дека за првпат испеал песна која е поблиску до поп музика на фолк вечерта на фестивалот, која беше во знакот на староградската музика. Пејачот кој е познат по настапите со неговите тамбураши низ регионот, вели дека со години се бори против турбофолк музиката, особено во неговото Куманово.

„Мелодијата е медитеранска, далматинско-италијанскo-шпански мелос, и за првпат пеам нешто поразлично. Ја напиша Цане Петров. Ова е љубовна песна и овој фестивал беше вистинското место да ја промовирам“, вели Величковски. Со години, тој е дел од Тамбурашкиот фестивал во Куманово, а со тамбурашки оркестри, настапува и во регионот.

„Долго време, во Куманово се борам против турбофолкот, не ми се допаѓаат такви настани во мојот град. Јас со години го негувам мојот стил на музика, а лани прославив 40 години на сцената. Еднаш, на фолк фестивалот ‘Валандово’, испеав песна со наслов ‘Ајде да се љубиме’, која воопшто не беше во мој стил. За да се пошегувам, носев впечатлив златен ланец. Но, публиката не ме прифати таков, и не влегов во финалето. А, турбофолкот длабоко навлезе во сите наши пори. Прво, текстовите на тие песни кои не можам да ги прифатам. Второ, тој турбо начин на завивање, јас тоа не можам ни да го слушам ни да го пеам. Затоа со години внимателно ги бирав песните. Имам една песна од Огнен Неделковски , ‘љубовта е света земја малку посетена, таму би те водел ама веќе си ветена’. Пеам песни кои се поезија, од Неделковски, Копров, Миле Барбаровски, Ѓоко Георгиев. Држам ниво, 40 и кусур години сум тука и ќе бидам“, ни рече Величковски.

На 13 септември, тој ќе ја претставува Македонија на „Мондовизија“ во Нови Сад, која тој ја нарекува тамбурашка Евровизија, со оркестар од 40 музичари од Нови Сад. Величковски вели дека често настапува во Војводина, и кога тамошните организатори ќе го поканат да пее, нивниот услов е тоа да бидат само македонски песни.

М. ЏАРОВСКА