Оригинален концерт наречен „Цветна симфонија“ одржа „Битолски оркестар Дива“ вчера (30 ноември) во Филхармонијата, по кој заслужено трипати беше вратен на бис.
Популарни класици пееја сопранистките Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази, во придружба на оркестарот, со кој диригираше Владимир Димовски. Концертот почна и заврши со „О, sole mio“, познатата наполитанска песна напишана во 1898, кој најмногу ја прослави славниот тенор Лучано Павароти.
Се пееја и „Време е да се каже збогум“ (Time to Say Goodbye) насловната тема од филмскиот хит „Кум“, шпанската „Гранада“ и други песни и арии. Сите три сопранистки имаа совршно избрана тема за вокалот и сензибилитетот. Добар избор за гостинка беше атрактивната Полина Тасева, која се симна во публиката и подаруваше рози.
Истото го направи и диригентот Владимир Димовски на крајот. Тој им подари рози на пејачките и на виолинистката додека публиката на нозе аплаудираше. Целата сцена беше украсена со природни цвеќиња, што на концертот му даде уште една убавина. Ваков концерт се одржа летоска на Хераклеја во Битола.

„Битолски оркестар Дива“ последниве години се издвои и стана познат низ Македонија со оригиналните концерти со поп и рок музика од 1980-тите, преработена електронска музика и со популарни теми од класичната музика, концерт посветен на Јонче Христовски и многу други. Затоа салите им се секогаш полни, а луѓето насмеани и среќни си одат дома, како што беше и вчера.
М. ЏАРОВСКА