Без разлика дали станува збор за ненадејно раскинување на љубовна врска, дијагноза на сериозна болест или тежок конфликт, сето тоа предизвикува огромен стрес и може да влијае и на срцевиот мускул, спречувајќи го правилно да пумпа. Зафатена е левата комора на срцето, а во медицината оваа состојба е позната како синдром на скршено срце.
Симптомите се слични на оние при срцев удар, велат од Германската фондација за срце.
Поточно, тие вклучуваат: ненадејна болка во градите, отежнато дишење, губење на свест. Овие симптоми може да бидат проследени со мачнина, вртоглавица и потење.
„Правилото е: ако забележите некој од овие знаци, веднаш повикајте итна медицинска помош“ советува германското Министерство за здравство.
Иако симптомите се многу слични, кај синдромот на скршено срце, за разлика од срцевиот удар, коронарните артерии не се стеснети ниту затнати. Бидејќи двете состојби изгледаат исто на ЕКГ, лекарите изведуваат срцева катетеризација за точно да утврдат што не е во ред со срцето.
Синдромот на скршено срце е сериозна состојба. До половина од засегнатите можат да доживеат животозагрозувачки компликации, како што се срцеви аритмии, срцева слабост или циркулаторен шок. Затоа брзото лекување е од клучно значење.
Според Германската фондација за срце, 80% до 90% од засегнатите се жени, најчесто на возраст меѓу 65 и 75 години. Овој синдром е значително поредок кај мажите.
Постојат и разлики во предизвикувачите: кај жените „скршеното срце“ почесто е последица на емоционален стрес, додека кај мажите почести се физички предизвикувачи, како необичен физички напор, операција или белодробна болест.
Најважно е да се избегнат опасни компликации. Затоа пациентите се следат на одделение за интензивна нега до 72 часа. Им се даваат лекови за разредување на крвта за да се спречи создавање тромб во левата комора.
По четири до пет дена, срцето обично повторно почнува нормално да пумпа, но понекогаш закрепнувањето може да трае и подолго.
„Ако сте преживеале синдром на скршено срце, добра идеја е да го намалите стресот колку што е можно повеќе, бидејќи тоа го намалува ризикот од повторување. Меѓу 4% и 10% од засегнатите доживуваат повторна појава на синдромот“, велат лекарите.
(Фото: ДПА)