ХЕЛЕНА БОНАМ КАРТЕР Е ПРВАТА ЅВЕЗДА КОЈА СЕ НАЈАВУВА ЗА НОВАТА СЕЗОНА НА „БЕЛИОТ ЛОТУС“

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Хелена Бонам Картер е првото големо име кое се најавува за четвртата сезона на „Белиот лотус“. Холивудските медиуми објавија дека британската актерка е во преговори за една од главните улоги, откако претседателот на Ејч-Би-О, Кејси Блојс, потврди минатиот месец дека започнало избирањето на актерите за четвртата сезона на една од нивните најпопуларни серии.

Познато е дека новата сезона ќе се одвива во Франција, а снимањето треба да почне напролет.

Претходните сезони беа сместени на Хаваи, Сицилија и во Тајланд и секоја имаше различна актерска екипа, со мали исклучоци.

Последната значајна телевизиска улога на Бонам Картер беше на принцезата Маргарет во третата и четвртата сезона на „Круна“.

(Фото: Гети)