Култната ТВ-серија „Зона на самракот“ се враќа во живот.

Ова го објави шефот на телевизијата Си-Би-Ес, Лесли Мунвис, откривајќи дека имаат во план да прават нови епизоди од серијата, која претставува уникатен микс на мистерија, фантазија и хорор и има верни фанови низ целиот свет.

Серијата што ја создаде легендарниот Род Серлинг оригинално се емитуваше на Си-Би-Ес од 1959 до 1964 година и потоа имаше уште две верзии, прво во 80-ите години, па во првата деценија од овој век.

Си-Би-Ес не објави други детали за проектот, освен дека беа инспирирани од успешното враќање на „Ѕвездени патеки“, чие новo продолжение неодамна почна да се емитува. Се шпекулира дека автори на новите епизоди на „Зона на самракот“ ќе бидат продуцентот Марко Рамирес, кој стоеше зад неколку хит-серии во последно време и Џордан Пил, режисерот на успешниот хорор „Бегај“.