Објавен е трејлер за серијата „Љубовната приказна на Џон Ф. Кенеди Џуниор и Каролин Бесет“ во продукција на „Еф-Икс“ (FX) и Рајан Марфи, кој е автор на серии како „Американска хорор приказна“ и „Гли“. Главните улоги ги играат Пол Ентони Кели и Сара Пиџон.
Серијата е инспирирана од книга на Елизабет Белер. Џон Кенеди Џуниор, Каролин и нејзината сестра Лорен Бесет загинаа во авионска несреќа на 16 јули 1999. Во серијата играат и Грејс Гамер како Каролин Кенеди, Наоми Вотс како Џеки Кенеди Оназис, Алесандро Нивола како Келвин Клајн и Сидни Лемон како Лорен Бесет.
„Тоа беше љубовна приказна што го привлече вниманието на целата нација: Џон Кенеди Џуниор беше најблиското нешто до американско благородништво. Земјата го следеше неговото растење од момче до омилен ерген и медиумска сензација. Бесет беше ѕвезда сама по себе. Независна и со стил, таа се искачи од продажна асистентка до извршна позиција во ‘Келвин Клајн’ и стана доверлива советничка на Клајн. Како што нивната љубовна приказна се одвиваше пред очите на целата нација, славата и медиумското внимание се закануваа да ги разделат“, стои во најавата на серијата.
Серијата од девет епизоди ќе почне да се прикажува на 12 февруари на „Еф-Икс“, а ќе биде достапна за стриминг на „Хулу“ и „Дизни+“.
(Фото: Еф-Икс)