ВИНСЕНТ КАСЕЛ СЕ ПРИКЛУЧУВА НА ЧЕТВРТАТА СЕЗОНА НА „БЕЛИОТ ЛОТУС“

Лос Анџелес, (Вараети)

Францускиот актер Винсент Касел ќе глуми во четвртата сезона на популарната серија „Белиот лотус“ на „Ејч-Би-О“. Меѓу последните имиња кои се приклучија се и Корентин Фила и Надја Терецкиевич.

Претходно беше објавено дека новата екипа ја сочинуваат актери како Хелена Бонам Картер, Сандра Бернхард, Стив Куган, Мариса Лонг, Дилан Енис и Крис Месина. Според „Ејч-Би-О“, сè уште е во тек кастингот и дополнителни актери ќе бидат објавени во иднина.

По трите сезони кои се снимаа на Хаваи, во Италија и Тајланд, четвртата сезона на „Белиот лотус“ се сели во Франција и ќе следи нова група хотелски гости и вработени во текот на една недела.

Снимањето на четвртата сезона на „Белиот лотус“ ќе почне во април во Шато де ла Месардиер (Château de La Messardière), палата претворена во хотел на француската ривиера. Палатата била изградена во 19. век како екстравагантен свадбен подарок на богат трговец за неговата ќерка, која ја трансформирала во луксузен хотел на почетокот на минатиот век. Со реновирањето во 1989 година, хотелот бил спасен од целосно пропаѓање, по што повторно почнал да привлекува богати гости.

Според „Вараети“, снимањето ќе се одвива и во хотел во Париз и на други места на француската ривиера и дека дејството делумно ќе биде поврзано со Канскиот филмски фестивал.

(Фото: ЕПА)