ВО БЕЛГРАД СЕ ОТВОРИ ПРВОТО „ХАРД РОК КАФЕ“ СО АВТЕНТИЧНИ ЕКСПОНАТИ ОД РОК ИСТОРИЈАТА

Белград, (Бизнис.рс)

Во Белград се отвори првото „Хард рок кафе“, кое се наоѓа во центарот на градот. Се простира на два ката и има повеќе од 250 места за седење.

„Хард рок кафе“ е меѓународен синџир на тематски ресторани, хотели и казина, кој денес работи во повеќе од 60 земји низ целиот свет, а беше отворен во 1971.

Во новоотвореното белградско кафуле се изложени 18 автентични експонати од рок музиката, меѓу кои се најпродаваните плочи на „Битлс“ и гитара на групата „Скорпионс“.

„Сите гитари се автентични, имаме тим за форензика. Се чуваат во строго контролирани услови, во витрини, особено сценски костими. Дозволено е да останат и траги од шминка за да бидат автентични“, рече претставникот на „Хард рок кафе“, Александар Ерцеговчевиќ.

Една од јакните на Мајкл Џексон е изложена во кафулето (Фото: „Данас“)

Тој додаде дека некои од експонатите и предметите се донирани од музичари или биле купени од „Хард рок кафе“ на аукции. Вкупната колекција содржи повеќе од 88.000 уметнички предмети, гитари, сценски костими и друго. Како што кажа Ерцеговчевиќ, експонатите се менуваат на секои седум години.