ЖИВОТОТ ВО ИЗОЛАЦИЈА МЕНТАЛНО МЕ УНИШТИ, ПРИЗНА МАЈКЛ ФЕЛПС

Лос Анџелес, (Гардијан)

Најтрофејниот пливач на сите времиња Мајкл Фелпс призна дека пандемијата на коронавирусот тешко го погодила неговото ментално здравје.

Многукратниот олимписки шампион во минатото отворено зборуваше за својата борба со депресија и сега вели дека се мачи да го поднесе животот во услови на изолација.

„Пандемијата е предизвик каков што никогаш не сум очекувал. Целата таа неизвесност, затвореноста дома. Си поставувам многу прашања. Кога ќе заврши? Каков ќе биде животот потоа? Дали правам сѐ што треба за да бидам безбеден? Дали моето семејство е безбедно? Сето тоа ме излудува, зашто јас сум навикнат да патувам, да се натпреварувам, да среќавам луѓе. Тешко ги контролирам емоциите, цело време сум на раб“, изјави Фелпс за ЕСПН.

Тој вели дека се расправа со жена му додека се во изолација и на моменти се чувствува безвредно.

„Ова ми е емотивно најтешкиот период во животот. Често посакувам да сум некој друг“, вели 34-годишниот Фелпс.

Тој има три деца во бракот со Никол и вели дека тие му помагаат да се избори со неговите ментални проблеми.

„Има моменти кога мислам дека не може да ми биде полошо и ќе дојде мојот четиригодишен сим Бумер, ќе ме гушне и ќе ми каже дека ме сака. Тоа е најдоброто нешто во животот“.