ТАНОВИЌ, КУСТУРИЦА И БУЛАИЌ НА РЕВИЈАТА НА ФИЛМОВИ ОД БИХ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Оскаровецот „Ничија земја“ на Данис Тановиќ вечерва во 20 часот ја отвора Неделата на босанскохерцеговски филм во Кинотеката на Македонија. Филмот на Тановиќ доби Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје во 2002 година.

На ревијата ќе се прикажат и првенецот на Емир Кустурица „Се сеќаваш ли на Доли Бел“ (утре), кој доби Златен лав во Венеција за најдобар дебитантски филм, како и филмовите кои ги одбележаа 60-ите, 70-ите и 80-ите години не само во босанскохерцеговската, туку и во целата југословенска кинематографија.

В недела ќе игра „Глув барут“ на Бахрудин Бато Ченгиќ , в понеделник „Битка на Неретва“ на Вељко Булаиќ, кој бил номиниран за Оскар, а циклусот ќе заврши во вторник со „Жена со пејзаж“, единствениот филм што го снимил прерано починатиот Ивица Матиќ.