УКРАИНЕЦ СОБРА 200 ЛУЃЕ НА ЛАЖЕН МИТИНГ ЗА НЕПОСТОЕЧКИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ

Киев, (Би-Би-Си)

Украински шегаџија дојде на идеја да организира лажен предизборен митинг, ветувајќи им пари на присутните и вели дека бил изненаден од одзивот.

Олекси Уткин преку социјалните мрежи им понудил „лесни пари“ на сите кои се подготвени на смрзнувачко време да му дадат поддршка на Серхеј Филатов во неговиот обид да стане претседател на Украина. Понудата за три часа „работа“ изнесувала 1.000 гривни (37 долари).

Повеќе од 200 луѓе се појавија на популарна киевска улица, извикувајќи пароли на поддршка за Филатов, несвесни дека кандидат со такво име не постои, ниту дека нема да бидат платени. Митингот преку скриена камера се пренесуваше на интернет.

„Мислев дека ќе дојдат најмногу 20 луѓе. Тоа беше многу апсурдна ситуација“, изјави Уткин.

Присутните дури дадоа изјава за локалната телевизија „1+1“.

„Јас сум за Филатов. Тој е супер човек“, кажа еден од нив.

Масата се растурила без инциденти откако сфатила дека нема да биде платена, по што и Уткин ставил крај на лажната кампања.