Горан Грујевски, поранешниот началник на Петтата управа во Министерството за внатрешни работи, е осуден на 18 месеци затвор за незаконско палење списи од Кривичниот суд во Скопје, што е прва судска пресуда по обвинение покренато од Специјалното јавно обвинителство.
На Грујевски му се судеше во отсуство, бидејќи тој сѐ уште се наоѓа во притвор во Солун, каде што чека екстрадиција во Македонија.
Шесте вработени во УБК, кои по наредба на Грујевски ги уништиле доказите за прислушување, добија условни затворски казни.
„СЈО денеска ја доби првата пресуда, за случајот ‘Тврдина 2‘. Казната за Грујевски е во рамките на нашите очекувања. Ние цело време повторувавме дека имаме цврсти докази и ова се потврди со одлуката на судот. Задоволни сме што во овој случај правдата излезе на виделина и очекуваме тоа да се случи и со други обвиненија покренати од СЈО“, изјави обвинителката Ленче Ристоска.
Грујевски, заедно со второобвинетиот за масовното прислушување и за уништувањето на системите за прислушување, Никола Бошкоски, беше уапсен во Солун на 18 октомври и таму треба да се појави на суд на 1 декември.