БРОД ШТО ПОТОНАЛ ПРЕД 2.500 ГОДИНИ ЌЕ БИДЕ ГЛАВНАТА АТРАКЦИЈА НА ПРВИОТ ПОДВОДЕН МУЗЕЈ ВО ГРЦИЈА

Атина, (АП)

Грција следниот месец ќе го отвори својот прв подводен музеј, кој ќе ги открива богатството на морскиот живот и историските остатоци покрај брегот на западниот егејски остров Алонисос.

Локацијата ќе биде отворена за тури со лиценцирани водичи од 3 август до 2 октомври и ќе им овозможи на аматерските нуркачи да ги истражат остатоците на брод кој потонал во петтиот век пред нашата ера, носејќи товар од стотици амфори со вино.

Ова е најголемиот брод од своето време што досега е пронајден (Фото: АП)

Благодарение на своите археолошки богатства и исклучително богатиот морски свет, нуркачката локација Перистера има заштитен статус на морски парк и важи за една од најинтересните во Грција.

Остатоците од бродот од 126 тони се откриени во почетокот на 1990-ите и го променија сфаќањето на археолозите како се граделе бродови во античко време. Амфорите денес се дом на риби, морски сунѓери и на други морски суштества, што сѐ заедно ја прави глетката спектакуларна.

„Многу е импресивно. Едно е да ги видите амфорите во музеј, а сосема поинаку вака концентрирани“, вели Димитрис Куркумелис, главниот археолог на проектот.

Само мал дел од остатоците досега се истражени и експертите сѐ уште не ја откриле причината за потонувањето на бродот, за кој веруваат дека превезувал 4.000 амфори. Тие сега лежат на длабочина меѓу 22 и 28 метри.