„КВИН“ ЌЕ ГО ОБЈАВИ ПРВИОТ КОНЦЕРТЕН АЛБУМ СО АДАМ ЛАМБЕРТ

Лондон, (Ролинг стоун)

По стотици заеднички настапи, „Квин“ ќе го објави првиот концертен албум со Адам Ламберт, кој првпат ѝ се придружи на групата како пејач во 2009 година.

„Квин+Адам Ламберт во живо околу светот“ ќе излезе на 2 октомври и ќе содржи 20 песни, компилација на најдобрите моменти од повеќе од 200 настапи на Брајан Меј, Роџер Тејлор и Ламберт. Албумот во целост ќе го вклучи и нивниот 22-минутен настап на годинашниот хуманитарен концерт во Австралија, на кој беше повторен легендарниот сет на „Квин“ од „Лајв ејд“ од 1985.

„Штом не можевме да настапуваме оваа година, сакавме да им дадеме нешто на фановите место тоа. Ова е првпат да издаваме албум заедно и многу се забавувавме кога ги избиравме нашите омилени моменти од изминатите седум години’, изјави Ламберт.