„ЕРБИЕНБИ“ СТАНА КОМПАНИЈА ОД 100 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ 12 ГОДИНИ ОТКАКО ТРОЈЦА ПРИЈАТЕЛИ ПОЧНАА ДОМА ДА ИЗНАЈМУВААТ ДУШЕЦИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Вредноста на букинг платформата „Ербиенби“ порасна на повеќе од 100 милијарди долари на првиот ден од јавната продажба на нејзините акции. Побарувачката по акциите беше голема и првично понудената цена од 68 долари за една акција на крајот стигна до 144 долари. Компанијата притоа успеа да собере 3,5 милијарди долари, што планира да ги искористи за да ја преживее пандемијата која ги уништи туризмот и патувањата.

„Ербиенби“ сега има двојно поголема пазарна вредност од „Мериот“, најголемиот ланец на хотели на светот.

„Сѐ уште сме среде бура. Не знаеме уште колку ќе трае, па се надеваме на најдоброто додека се подготвуваме за најлошото“, изјави извршниот шеф и еден од основачите на „Ербиенби“, Брајан Чески.

Нејтан Блехарчик, Брајан Чески и Џо Гебија ја отворија платформата во 2008

Букирањето преку „Ербиенби“ се урна пролетоска, но компанијата оствари изненадувачки профит во јули, август и септември.

Чески, Нејтан Блехарчик и Џо Гебија го почнаа бизнисот во август 2008, кога дошле на идеја да изнајмуваат душеци во својот стан во Сан Франциско. На платформата, која не располага со сопствени сместувачки капацитети, денес има над четири милиони имоти за изнајмување низ цел свет. Минатата година, 54 милиони луѓе резервирале сместување преку неа. Компанијата зема процент од секое букирање и лани остварила профит од 4,8 милијарди долари.

„Ербиенби“ денес е сериозен ривал и конкуренција на хотелскиот бизнис, но им предизвикува главоболки и на градовите, придонесувајќи за порастот на бројот на туристи.