Архитектонското студио „Популус“ ќе ги искористи труповите од 30 авиони „ербас А340“ во проектот на проширување на трибина на стадионот во Стразбур. Студиото ќе го обнови целиот „Стад де ла Мејну“, кој е дом на францускиот фудбалски прволигаш Стразбур, при што ќе го зголеми капацитетот од 26.282 на 32.000 гледачи.
Јужната трибина ќе биде зголемена за да се додадат повеќе седишта и дополнителни простори за фановите, кои ќе бидат заштитени од сонцето со алуминиумска фасада, направена од трупови од напуштени авиони „ербас“. Од „Популус“ велат дека ова е првпат на светот да се прави вакво нешто.
„Отсекогаш нѐ привлекувале огромните гробишта на американски авиони и геометриското спротивставување во дизајнот на тие авиони. Има нешто скулпторско во тоа. Димензиите и пропорциите на јужната трибина на стадионот ни дозволија да се поиграме со обемот на труповите“, изјави шефот на „Популус“, Франсоа Клеман.
Околу 4.000 квадратни метри фасада ќе се добијат од труповите на авионите. Целосното реновирање на стадионот треба да заврши во 2025 година.