Во времето на Советски Сојуз, глуварче беше суровина за производство на автомобилски гуми, откако беше утврдено дека видот што успева во казахстанските степи содржи високо ниво на каучук во коренот. Ова растение сега повторно се открива како алтернатива на каучук, од кој се јавува недостиг поради голема побарувачка.
Индустријата на автомобилски гуми троши 70% од годишните светски количества на каучук. Околу 90% од природниот каучук се добива на плантажите во југоисточна Азија, поради чие производство се расчистуваат и шумски површини, па постојат и еколошки причини зошто индустријата на гуми сака да пронајде замена.
„Тараксагум“ е заеднички проект на компанијата за автогуми „Континентал“ и институтот за молекуларна биологија и применета екологија „Фраунхофер“ во Ахен, чија цел е повторно да се покрене процес на добивање каучук од глуварче.
„‘Континентал‘ тестираше гума од глуварче и заклучи дека материјалот во некои сегменти е и подобар од природниот каучук“, изјави Дирк Прифер, биолог кој учествува во проектот.
Руско глуварче успева и на јалова почва која не е богата со хранливи материи. Прифер вели дека нивниот проект испитува и дали тој може да се сади на некогашни индустриски, позагадени локации. Сепак, експертите се согласуваат дека глуварче може да стане конкуренција на азискиот каучук само ако се намалат трошоците на производство.