ОДНОСОТ ПОМЕЃУ ВИЛИЈАМ И ХАРИ ЌЕ БИДЕ ВО ФОКУСОТ НА УТРЕШНИОТ ПОГРЕБ НА ПРИНЦОТ ФИЛИП

Лондон, (АП)

Велика Британија утре се простува од принцот Филип, кој повеќе од седум децении беше во брак со Елизабета Втора, а вниманието најмногу ќе биде насочено кон принцовите Вилијам и Хари.

Бакингамската палата објави дека тие нема да одат еден до друг во придружбата на ковчегот до капелата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор. Оттаму не потврдија дали ова има за цел да ја намали можноста од каков било непријатен момент помеѓу браќата, чии односи се оладени откако Хари се повлече од кралските задолженија лани, а уште повеќе по интервјуто со Опра Винфри. Тие ќе бидат разделени од нивниот братучед Питер Филипс, најстариот внук на Елизабета и Филип.

„Ова е погреб и не сакаме да се претвори во драма. Сѐ што е договорено ги претставува желбите на кралицата“, изјави портпарол на Бакингамската палата.

Процесијата во која ќе учествуваат 15 луѓе ќе ја предводат принцот Чарлс и неговата сестра, принцезата Ен. Меган Маркл не допатува од САД бидејќи е бремена. На погребот ќе присуствуваат само 30 луѓе и сите ќе носат маска, за што пример ќе даде и кралицата.

Кралицата исто така одлучи да не се носат воени униформи на погребот, што е традиција за вакви церемонии.