Врчак, Тони Зен, Јован Јованов, Викторија Лоба, Огнен Здравковски, Ристо Самарџиев, Елвир Мекиќ и Наташа Малинкова се меѓу пејачите кои ќе настапат на 41. издание на фестивалот Макфест, што ќе се одржи на 30 и 31 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. На двете фестивалски вечери ќе бидат изведени вкупно 27 нови песни, беше најавено на денешната прес-конференција.
Меѓу учесниците се и Симона Поповска, Марија Спасовска, Теа Трајковска, Давид Темелков, Марија Данева, Агни Авшар, Тамара Грујеска, Ана Цамбулева, Теа Златева, Марија Наумоска и Елена Наумова.
Оперативниот координатор на фестивалот Александар Арсовски рече дека подготовките за годиншното издание почнале пред повеќе од осум месеци и дека организацијата е завршена.
„Ќе ја збогатиме домашната забавна музичка колекција со 27 нови песни. Од денеска почнува монтажата на сценографијата и се надевам дека таа ќе биде уште повпечатлива од минатогодишната“, рече Арсовски.
Уметничкиот директор Роберт Саздов најави дека публиката ќе слушне песни од различни музички жанрови, иако фестивалот традиционално е посветен на забавната музика.
„Имаме одлична програма. Неколкумина учесници ќе настапат првпат. Песните се стилски разновидни, од шлагер до поп-музика, и верувам дека публиката ќе ужива“, рече Саздов.
Пејачот Огнен Здравковски, кој во 2015 беше прогласен за најдобар дебитант на Макфест, рече дека фестивалот има посебно значење за македонската музичка сцена.
„За мене Макфест е многу повеќе од фестивал, тој е дел од нашата музичка историја. На оваа сцена се појавиле големи ѕвезди и се родиле многу хитови. Среќен сум што повторно ќе настапам“, рече Здравковски.
Викторија Лоба кажа дека е важно што Македонија има фестивал со толку долга традиција, на кој домашните автори и изведувачи можат да ги претстават своите песни.
„Прекрасно е што имаме платформа на која македонската песна го добива вниманието што го заслужува. За мене е голема чест што сум дел од Макфест“, рече Лоба.
Фестивалот се одржува од 1986 и низ годините промовирал бројни македонски и регионални пејачи и песни кои станале хитови.
М. ЏАРОВСКА