НОВАТА СОПРУГА НА БОРИС ЏОНСОН ЌЕ ГИ СОБЕРЕ СОПРУЖНИЦИТЕ НА СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ НА СКАРА

Корнвол, (Би-Би-Си)

Кери Џонсон ќе биде домаќинка на сопружниците на светските лидери на самитот на Г7, што се одржува во Корнвол, Велика Британија. Тоа ќе биде прв јавен настан за новата сопруга на Борис Џонсон откако се венчаа минатиот месец на тајна церемонија.

Со 33 години, Џонсон ќе биде и најмладата меѓу партнерите на светските лидери, но не и единствена за која ова ќе биде прв ваков самит. Првпат доаѓаат и првата дама на САД, Џил Бајден, Марико Суга, сопругата на јапонскиот премиер и Марија Серена Капело, сопругата на италијанскиот премиер Марио Драги.

Сопругот на Ангела Меркел, Јоаким Зауер, ќе биде единственото машко во друштвото (Фото: Ројтерс)

Засега не се објавени сите детали од нивната агенда, но познато е дека утревечер ќе се соберат на скара на плажа.

Останатите членови на ова друштво се Бригит Макрон (Франција), Софи Трудо (Канада) и сопругот на Ангела Меркел, Јоаким Зауер, за кои ова е последен заеднички меѓународен самит пред нејзиното заминување од функцијата подоцна оваа година. Професорот по физика и хемија многу ретко се појавува во јавност со Меркел и никогаш не дава изјави за медиумите.

Кери Џонсон со Џил Бајден и синот Вилфред (Фото: Гети)