ОД СЕВИЛЈА ДО БАКУ, ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЌЕ СЕ ИГРА НА РАСТОЈАНИЕ ОД НАД 4.700 КИЛОМЕТРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Една година подоцна од предвиденото, Италија и Турција вечерва во Рим го отвораат Европското фудбалско првенство (21 часот) и тоа е само една од работите кои ова издание го прават уникатно.

  • Замислено како прослава на 60-годишнината од одржувањето на првото првенство, ова ќе биде прво ЕВРО кое ќе има повеќе од два домаќина, бидејќи мечевите се раштркани низ целиот континент.
  • Првично беа 12 држави, но Ирска отпадна поради неможноста да гарантира дека ќе има гледачи.
  • Од Севилја на западот на континентот до Баку на истокот има 4.766 километри, па фудбалерите и навивачите ги чека доста патување за време на првенството. Така швајцарските фанови би можеле да патуваат повеќе од 20.000 километри, зашто распоредот на нивната репрезентација е Баку-Рим-Баку.
  • Останати домаќини се Лондон, Глазгов, Амстердам, Букурешт, Копенхаген, Минхен, Санкт Петербург, Севилја и Будимпешта.
Португалија ја брани титулата (Фото: Гети) 
  • Навивачи ќе има на сите 51 натпревар, а дозволениот капацитет на стадионите, за што решаваат одделни региони/држави, а не УЕФА, ќе се движи од 22% до 100%, колку што најави Будимпешта. На вечерашниот дуел во Рим се очекуваат околу 16.000 гледачи.
  • Секој град има свои правила, но на сите стадиони ќе мора да се носи маска, а од фановите ќе се бара да бидат на своите места што е можно повеќе за да не се мешаат.
  • Првпат во историјата, Шпанија ќе настапи на едно големо натпреварување без играч на Реал Мадрид во тимот откако и Серхио Рамос отпадна поради повреда.
  • Триесет и осумгодишниот холандски голман Мартен Стекеленбург е највозрасниот учесник на ЕП, а најмлад е Полјакот Кацпер Козловски, кој во октомври ќе наполни 18 години.
  • Македонија и Финска дебитираат не само на европските првенства, туку и на големите натпреварувања воопшто.