АМЕРИКАНКА КОЈА РАБОТИ СО ИМИГРАНТСКИ ДЕЦА ОСВОИ МИЛИОН ДОЛАРИ КАКО НАЈДОБРА УЧИТЕЛКА НА СВЕТОТ

Париз, (Вашингтон пост)

Професорка во државно училиште во американската сојузна држава Мериленд, чии ученици доаѓаат од имигрантски и бегалски семејства и не знаат англиски, е прогласена за најдобар учител на светот, за што доби еден милион долари.

Кејшија Торп, која предава англиски во меѓународното средно училиште „Ленгли парк“ во Бладенсбург, е годинашната добитничка на наградата „Глобал тичер прајз“, што ѝ беше доделена во седиштето на УНИЦЕФ во Париз.

„Ова е за да се охрабрат сите црни момчиња и девојчиња, секое дете на светот кое се чувствува маргинализирано и има приказна налик на моја, кое се почувствувало дека ништо не вреди“, изјави Торп откако ја прими наградата од француската актерка Изабел Ипер.

Таа кажа дека ќе ги искористи парите за да ги прошири почнатите проекти, преку кои им помага на загрозените деца да одат на колеџ без долгови и обезбедува други услуги за имигрантските деца и семејства.

Торп е родена и пораснала на Јамајка, дипломирала на Харвард во 2003, а почнала да предава пред 17 години.

„Глобал тичер прајз“ се доделува од 2015 и е своевиден учителски Нобел. Оваа година, за наградата конкурираа повеќе од 8.000 лица од образованието од 121 земја.