ПОД КИНЕСКИОТ ЅИД СЕ НАОЃА НАЈДЛАБОКАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА НА СВЕТОТ

Пекинг, (Си-Ен-Ен)

Зимските олимписки игри не се одржуваат само во Пекинг, туку дел од борилиштата се во 180 километри оддалечениот Жангџијаку. Овие два града се поврзани со самовозечки брзи возови, а 56 минути долгото патување поминува низ уште едно инженерско чудо: станицата Бадалинг, изградена под Кинескиот ѕид.

Довршена во 2019, станицата се наоѓа непосредно до влезот во Бадалинг, најпопуларната секција од ѕидот. За да се заштити легендарниот споменик од структурални оштетувања, пругата и станицата се изградени на длабочина од 102 метри. Трикатната структура, која зафаќа површина од 36.000 квадратни метри, се смета за најголемата и најдлабока подземна железничка станица на светот.

(Фото: Гети)

Конструирањето на така сложена станица, која вклучува и 12 километри долг тунел, не беше ни малку лесно. Според кинеските медиуми, инженерите користеле електронски детонатор со цел до милисекунда да ги подесат експлозиите. Со оваа технологија, работниците можеле да ја одржуваат брзината на вибрациите под 0,2 сантиметри во секунда. Тоа овозможи секоја експлозија да биде прецизно пресметана за да се осигура ударот да не биде посилен од еден чекор на Кинескиот ѕид.

Тунелот и станицата се градеа вкупно три години, при што патувањето од Пекинг до Бадалинг беше скратено од еден и пол час на само 27 минути.