Ерик тен Хаг ќе го наследи Ралф Рангник на клупата на Манчестер јунајтед по завршувањето на сезоната. Педесет и двегодишниот Холанѓанец ќе биде петтиот постојан тренер на Јунајтед од пензионирањето на Алекс Фергусон во 2013. Рангник дојде како привремено решение во ноември, по отказот за Оле Гунар Солшер.
„Голема чест е да се биде тренер на Манчестер јунајтед и многу сум возбуден поради предизвикот што е пред мене. Ја знам историјата на клубот и посветен сум да создадам тим способен да испорача успех што го заслужува“, изјави Тен Хаг, кој потпиша тригодишен договор.
Тој доаѓа од Ајакс, чиј тренер стана во декември 2017. Неизвесно е дали со Јунајтед ќе игра во Лигата на шампионите следната сезона, бидејќи моментално е шести на табелата.
Манчестер освои 38 трофеи под водство на Фергусон, но е без шампионската титула од неговото повлекување и се очекува Тен Хаг да спроведе голема обнова на играчкиот кадар.