ЛАМИН ЈАМАЛ СЕ СЛАВИ ВО СКРОМНАТА НАСЕЛБА ОД КОЈА ПОТЕКНУВА, А ТОЈ НЕ ГИ ЗАБОРАВИЛ СВОИТЕ КОРЕНИ

Барселона, (Ројтерс)

Теренот на кој шпанскиот напаѓач Ламин Јамал ги усовршувал своите вештини во работничка, мултиетничка населба надвор од Барселона врие од живот деновиве, додека локалното население со гордост го очекува финалето на Светското првенство против Аргентина на Лео Меси.

„Сега кога дојде моментот двајцата да играат еден против друг, тоа е неверојатно“, рече Кеба, 18-годишен Сенегалец.

Меси (39) ги одигра најдобрите години од својата кариера во Барселона, откако помина низ младинската академија на клубот, а 19 години старите фотографии на кои го држи бебето Ламин Јамал ги освоија сите пред финалето в недела во Њу Џерси.

Додека деца од мигрантски семејства играа на теренот близу мурал посветен на Ламин Јамал во населбата Рокафонда во крајбрежниот град Матаро, неговата баба Фатима и неговиот 15-годишен братучед Рајан гледаа од блиската клупа.

„За мене, Ламин значи многу добри работи, но, пред сè, тој ми е како брат, затоа што пораснавме заедно“, рече Рајан.

Ламин Јамал е роден во Каталонија од марокански татко и мајка од Екваторијална Гвинеја и никогаш не ги заборавил своите корени. Во текот на кариерата, тој ги славеше головите со својот препознатлив гест со раката „304“, референца на поштенскиот број на Рокафонда. Исто така, на Светското првенство носеше лента за глава со натпис „Рокафонда“, а на копачките стојат знамињата на земјите од кои потекнуваат неговите родители.

Откако заигра за Барселона, Јамал собори неколку рекорди на Меси, станувајќи најмлад стартер и стрелец во историјата на клубот и најмлад стрелец во шпанското првенство.

Тие, сепак, немаа можност да играат заедно: Меси се пресели во ПСЖ во 2021, а Јамал дебитираше за првиот тим на Барселона во август 2023. Финалето на 19 јули ќе биде нивниот прв меѓусебен дуел.

(Фото: ФК Барселона)