Една од најуспешните телевизиски серии на сите времиња „Игра на тронови“ и официјално ќе заврши во 2019 година, но фановите ќе можат да дознаат повеќе за овој универзум преку неколку спиноф серии што се во план.
Сепак, како и сѐ што е поврзано со „Игра на тронови“, на нив ќе мора да се почека.
Претседателот на програмата на Ејч-Би-О, Кејси Блојс, потврди дека ниту една од нив нема да почне да се емитува една година по завршувањето на финалната сезона на „Игра на тронови“, односно тоа ќе биде најрано во 2020 година.
„Во план се пет нови серии. Ако направиме пилот или цела серија, ништо од тоа нема да се емитува на Ејч-Би-О најмалку една година по завршувањето на ‘Игра на тронови‘. Нема да завршиме со ‘Игра на тронови‘ и да продолжиме веднаш наредната недела“, изјави Блојс.
Тој не откри ништо за содржината за новите серии, освен што е познато дека ќе се случуваат во времето пред „Игра на тронови“. Исто така, никој од сегашните ликови нема да биде вклучен во новите серии.
Блојс малку навести и за последните шест епизоди од „Игра на тронови“, што ќе се емитуваат во 2019 година.
„Одлични се, фантастични. Фановите ќе бидат многу, многу среќни“.