Во Националната галерија Чифте амам вечерва во 19 часот се отвора изложбата на реномираната босанска уметница Шејла Камериќ, нејзина прва во Македонија. Изложбата насловена „Доаѓаме со поклон“ се реализира во соработка со фестивалот за критичка култура „КРИК“ и фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво, па женско“.
Камериќ (1976) живее и работи на релацијата Сараево-Берлин-Истра и се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни.
„Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Изложбата, исто така, има за цел да расветли обични, домашни и познати секојденвни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание“, се вели во најавата на изложбата.