Членовите на „Фу Фајтерс“ се огласија за првпат по смртта на својот тапанар Тејлор Хокинс, потврдувајќи дека бендот ќе продолжи со работа и турнеи. Истакнувајќи дека 2022 беше најтешката и најтрагична година за групата досега, Дејв Грол и друштвото најавија дека наскоро повторно ќе се видат со фановите.
Хокинс почина во март минатата година во Колумбија, додека групата беше на јужноамериканска турнеја. Тој сними осум албуми со „Фу Фајтерс“ и беше еден од неговите клучни членови.
„Без Тејлор, никогаш немаше да станеме група каква што сме сега, а без него, знаеме дека отсега ќе бидеме поинаква група. Знаеме и дека и вие, фановите, му значевте на Тејлор исто колку и тој на вас и знаеме дека кога наскоро повторно ќе се видиме, духот на Тејлор ќе биде со сите нас секоја вечер“, напиша групата на Инстаграм.
Во септември, „Фу Фајтерс“ организираше два спектакуларни концерта во чест на Хокинс, првиот на „Вембли“ во Лондон, а вториот во Калифорнија.
(Фото: Фејсбук)