По „Вистински детектив“, Вуди Харелсон и Метју Меконахи заедно ќе снимаат нова серија за стриминг платформата „Епл+“. Во сè уште неименуваната хумористична серија со десет епизоди двете холивудски ѕвезди ќе се глумат себеси, додека со нивните семејства се обидуваат да живеат заеднички на ранчот на Меконахи во Тексас.
„Епл+“ ја опиша новата серија како „срдечна и необична љубовна приказна која се врти околу чудната и убава врска помеѓу Меконахи и Харелсон“.
„Нивното пријателство доаѓа на тест кога со семејствата се обидуваат заедно да живеат на ранчот на Меконахи“, најави „Епл+“.
Харелсон и Меконахи се покажаа како одличен тандем во првата сезона на криминалистичката драма на Ејч-Би-О, „Вистински детектив“, во 2014, при што беа номинирани за Еми и Златен глобус.