СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ГО НАЈАВИ ВТОРИОТ АЛБУМ НА ДУОТО ДОБРИЛА И ДОРИАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопскиот џез фестивал го најави излегувањето на вториот албум на тандемот Добрила и Дориан, насловен „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“, чија промоција ќе се одржи в сабота во „Макка бар“ во Скопје (13 часот). Промоцијата ќе биде проследена со миниконцерт.

Ова е проект кој ги спојува пејачката на „Чалгија саунд систем“ Добрила Грашеска и основачот на „Стринг форсис“, Дориан Јовановиќ (ут, лупови, електроника), а првиот заеднички албум „Апокриф“ го снимија пред две години.

Овојпат со осум песни, Добрила и Дориан раскажуваат и весели и тажни приказни обоени со аритмија, со темна готика или весела динамичност, но со различен пристап кон ткаењето на звукот на утот и вокалот. Со помош на електронски модификатори, на утот му додадоа уште еден куп шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радиобранови и хорови“, се вели во најавата на албумот.