Вјоса, една од последните диви реки во Европа, која е дом на повеќе од 1.000 животински и растителни видови, е прогласена за национален парк од албанската влада, прв од таков тип на континентот.
Таа тече 270 километри од планините Пиндус во Грција, низ тесни кањони, рамнини и шуми во Албанија, по што се влева во Јадранското Море. Неограничена од брани и други вештачки бариери, Вјоса изобилува со водни видови и поддржува огромен жив свет, што вклучува видри, загрозениот египетски мршојадец и критично загрозениот балкански рис, од кој се останати само 15 примероци во Албанија.
Со години, кревкиот екосистем на Вјоса беше под закана, при што во еден момент биле планирани 45 хидроцентрали во регионот. Но, благодарение на повеќегодишната борба на невладини еколошки организации, Вјоса оваа недела стана прва дива река во Европа која ќе има статус на национален парк.
„Креирањето на овој национален парк е историски момент за природата. Со ова, засекогаш ја заштитуваме единствената дива река во Европа“, изјави премиерот Еди Рама.
Националниот парк, кој ги опфаќа и трите главни притоки на Вјоса, е со големина од 12.727 хектари и ќе има висок степен на заштита сличен на дивина.
Албанија истовремено почнува заеднички проект со грчката влада за заштита на целото течение на Вјоса, при што би се формирал прекуграничниот парк Аос-Вјоса.
(Фото: Гардијан)