Посетите на атинскиот Акропол, најпопуларниот археолошки локалитет во Грција, ќе бидат ограничени на 20.000 луѓе дневно од следниот месец, објави грчката влада. Министерката за култура Лина Мендони изјави дека ова е неопходно за да се спречат тесни грла и преголеми гужви на локалитетот кој се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
Повеќе од 23.000 луѓе на ден доаѓаат на Акропол, најчесто во големи групи во претпладневните часови.
„Тоа е огромна бројка. Колку и да го сакаме туризмот, мора да работиме на заштитата на споменикот од прекумерниот туризам“, изјави Мендони.
Новите ограничувања ќе бидат тестирани од 4 септември, а официјално ќе стапат на сила на 1 април 2024. Нема да има ограничувања колку долго ќе може да се остане на Акропол, а максималниот број посетители ќе варира во текот на денот.
Мендони најави дека вакви ограничувања ќе бидат воведени и на други популарни локалитети во земјата.
(Фото: АП)