МАКЕДОНСКАТА ПЕЈАЧКА ЗАРИНА ПРВАСЕВДА ИЗБРАНА ЗА НАЈДОБАР НОВ ТАЛЕНТ ВО БУДИМПЕШТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската пејачка Зарина Првасевда е прогласена за најдобар нов талент во Будимпешта, во изборот на европската UPBEAT платформа, поддржана од организацијата „Хангвето“.

Од 10 номинирани кандидати, преку јавното гласање на ниво на Европа публиката ја избра Зарина, која пее македонска и светска традиционална музика. Како награда за оваа победа, таа добива снимање видео со француската продукција „Ла Блоготек“ .

Зарина има соработувано со повеќе светски музичари, а исто така има работено и на филмски проекти. Досега има издадено еден албум со наслов „Ехо“, кој содржи единаесет традиционални песни на четири различни јазици и го доближува македонското музичко наследство до пошироката публика.

„Доаѓајќи од мала држава, патот до видливоста е несомнено потежок, но моите верба, труд и напорна работа на крај се исплаќаат. Оваа награда е големо достигнување за мене и за мојата држава“, изјави Зарина Првасевда.

Таа ќе настапи на ПИН конференцијата и шоукејс фестивал во Скопје, каде што ќе ја прими наградата. ПИН ќе се одржува од 30 ноември до 2 декември во Младински културен центар во Скопје, а на годинашното јубилејно десетто издание се очекуваат повеќе од 50 музички настапи и 400 делегати од целиот свет.