Американската пејачка и танчарка Кеси го обвини рап могулот Шон Диди Комбс за силување и сексуална трговија. Кеси, чие вистинско име е Касандра Вентура, во тужбата вели дека цела деценија била заробена во круг на злоставување и насилство.
Комбс ги негираше обвинувањата и кажа дека неговата поранешна девојка се обидува да му изнуди пари.
Кеси тврди дека Комбс ја силувал и тепал десетина години, што почнало кога таа имала 19, а тој 37 години.
„По неколку години тишина и темнина, конечно сум подготвена да ја раскажам мојата приказна“, кажа Кеси.
Тужбата содржи повеќе експлицитни описи на насилно злоставување, за кое таа вели дека почнало откако го запознала раперот во 2005.
„Откако Вентура потпишала договор со издавачката куќа на Комбс ‘Бед бој‘, тој почнал да ја храни со дрога и алкохол, предизвикувајќи да падне во опасни зависности, со кои ѝ го контролирал животот“, стои во тужбата.
Во тужбата, Комбс е опишан како сериозен домашен злоставувач кој редовно ја удирал и тепал Вентура.
Адвокатот на Комбс изјави дека таа само се обидува да го уцени пејачот, откако претходно се заканила дека ќе објави книга за нивната врска ако не ѝ бидат исплатени 30 милиони долари.