Од 21 до 27 ноември во „Јавна соба“ ќе се одржи 13. издание на Недела на дизајн во Скопје, фестивал посветен на индустрискиот дизајн, дизајнот на производи и креативните индустрии. Годинашната тема е „Создавање на иднината“ со акцент на зачувувањето на традиционалните занаети, одржливото производство и поврзувањето на локалните дизајнери со европската сцена.
На денешната прес-конференција во Скопје беше најавено дека фестивалот ќе претстави проекти на 50 дизајнери од Европа и девет македонски дизајнери, како и базар со 25 изложувачи, занаетчии и креативци. Во програмата се предвидени четири предавања, две панел-дискусии и петдневна резиденцијална програма со десет европски дизајнери, кои ќе работат во тимови на заеднички проект. За најдобрите решенија се предвидени парични награди.
„Идејата е да се зачуваат и да се одржат во живот занаетите на нашите предци. Сакаме да ги издигнеме занаетите и да ги истакнеме наспроти масовното производство, кое е еден од големите загадувачи на животната средина. Локалните занаети се многу важни за секое општество“, рече Ирина Михајлова од „Секнд хенд фејвс“ на прес-конференцијата.
Таа кажа дека интересот за учество на базарот бил голем, но поради просторните ограничувања бројот на изложувачи е ограничен на 25. Дел од нив ќе претстават производи создадени со повторна употреба и преработка на материјали.
„За да го намалиме отпадот, мора да се оддалечиме од масовното производство. Кога веќе купуваме, подобро е да ги поддржиме локалните производители“, рече Михајлова (фото).
Во едукативниот дел се најавени предавања на архитекти и дизајнери од Австрија, Англија, Грција и Македонија. Меѓу учесниците се дизајнерот Тони Левак, кој живее и работи во Грац, и македонската дизајнерка Јана Ацевска. Панел-дискусиите ќе бидат посветени на можностите за финансирање и развој на малите креативни бизниси и самостојните дизајнери.
Годинашното издание е поврзано и со европската платформа „Некст џен дизајн“, која обединува пет големи дизајнерски настани: Недела на дизајн во Барселона, Недела на дизајн во Виена, Недела на дизајн во Скопје, „Што може дизајнот“ во Амстердам и фестивалот „Миксер“ во Белград.
Организаторите велат дека една од главните цели е да им се даде поголема поддршка на младите македонски дизајнери, за својата креативна работа да можат да ја развиваат како професија во Македонија, наместо да заминуваат во странство.
М. ЏАРОВСКА