„ОВАА ПЕСНА МЕ ЧИНЕШЕ ДЕСЕТ ГОДИНИ ЖИВОТ“, СЕ РАСПЛАКА ВЛАДО ЈАНЕВСКИ НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Владо Јаневски се расплака на првиот од трите закажани концерти во Филхармонијата во Скопје. Кантавторот емотивно го погоди песната „Ненормален“, една од неговите понови љубовни балади, ги избриша солзите и на крајот рече: „Оваа песна ме чинеше десет години живот, но вреди“.

Во Скопје одамна немало толку весела и распеана публика на концерт, а тоа и не е тешко кога домаќин е некој како Владо Јаневски, кој може да се пофали со многу хитови, речиси сите од репертоарот. Концертот наречен „Златни години“ траеше речиси три часа, со бис на кој целата публика, неколку минути на нозе аплаудирајќи, стрпливо го чекаше Владо да се врати на сцената.

Песната „Љуби, љуби“, Владо Јаневски им ја посвети на Даниела и Зоран од публиката, кои се вљубиле еден во друг слушајќи ја (Фото: К. Попов)

Сношти беше погоден секој детаљ, од изборот на познати и искусни музичари во бендот на сцената (вкупно десетмина), до редоследот на песните. Јаневски не остава ништо на случај, па и овојпат ја покажа својата оригиналност пеејќи дел балади на кои публиката верно го следеше, па брзи песни кога сите беа на нозе, па повторно балади. Најважната порака тој ја кажа одамна во насловот на песната „Што и да е, ќе помине“ и во стиховите „секое лошо за добро е“, песна во која многумина од нас се нашле, а токму таа беше една од најтопло примените.

„Ми пренесоа дека на социјалните мрежи имам порака од едни луѓе кои по 50 години се нашле еден со друг и песната ‘Љуби, љуби’ е нивната омилена и најдобро им ја раскажува љубовната приказна. Рекоа дека ќе дојдат на првиот концерт“, кажа Владо Јаневски и ги поздрави Зоран и Даниела во публиката со нивната песна.

„Јас сум поранешен композитор и пејач од Чаир, сега сум гевгеличанец, но тоа не значи дека не можам да пеам за Чаир“, рече Јаневски пред големиот хит „Чаирска романтика“.

Песните како „И тогаш некоја будала“ и „Ненормален“ ги најави како психијатриски.

„Кога пеам во ‘Борис Трајковски‘ пред 7-8 илјади луѓе, не можам да ги видам сите. Овде сме поинтимни, како да сте ми дошле дома. Јас мојата публика не ја делам, затоа во Филхармонија дојдовме во проширен состав“, рече Владо Јаневски.

Познати музичари и четири придружни вокали го следеа Владо Јаневски на концертот. (Фото: К. Попов)

Влатко Плевнеш, Валентино Скендеровски, Дамјан Пејчиноски, Дино Милосављевиќ , Ѓоле Максимовски и Оливер Дуев го следеа како бенд, а Ана Костадиновска, Сара Пројковска, Теа Богатинова и Стево Чепишевски пееја придружни вокали.

На ниту еден концерт тој не пропушта да каже дека „Црно тиквешко“ е неговиот најголем хит, почеток на неговата сериозна соло кариера и да му се заблагодари на нејзиниот автор Григор Копров.

Концертот, кој истовремено беше и романтичен и еуфоричен, за Владо е многу значаен оти беше прв од трите, се распродаде многу брзо, а тој најави дека со „Авалон“ разговараат и за четврти. На 25 ноември ќе се одржи вториот концерт, а на 26-ти третиот.

М. ЏАРОВСКА

(Фото: К. Попов)